Езеро Матка
На самиот брег на езерото се наоѓа манастирот Св. Андреја, посветен на братот на Крали Марко, над него се наоѓа комплексот манастири Св. Спас, Св. Ѓорѓија и Св. Тројца. Во продолжение на патот на највисоката точка над кањонот се наоѓа манастирот Св. Недела од каде се пружа прекрасна глетка на манастирот Св. Никола Шишевски, патрон на жителите на селото Шишево. Одејќи од браната кон внатрешноста на езерото, од левата страна се наоѓаат остатоци од селото Козарево каде има траги од манастирот Св. Јован Златоуст од каде истекува лековита вода.
Веднаш до црквата Св. Андреја се наоѓа планинарскиот дом Матка кој располага со триесетина легла. Пред да се изгради браната, на ова место планинарскиот дом и црквата биле дваесетина метри над нивото на реката Треска. На лево од домот се наоѓаат неколку табли кои ги информираат посетителите за планинарските патеки, животните и знаменитостите што се наоѓаат во околината, а исто така има и табла на која се обележани патеките за спортско качување на огромната карпеста страна од спротивната страна на езерото.
Езерото е вештачко, направено со поставување брана на реката Треска која лежи во стрмната клисура на долината Треска. Спектакуларните карпи од двете страни на езерото се доста популарни кај спортските качувачи. Мали чамци може да ве однесат на крстарење по езерото каде што може да се видат бројни пештери, а исто така и мал ресторан до кој се стига само со чамец. Околните ридови се идеални за планинарење.